Кина: Петнаесет загинати во обилните дождови, илјадници евакуирани

Петнаесет лица загинаа во Кина а уште четири други се водат како исчезнати по обилните дождови во југозападниот дел на земјата, додека илјадници луѓе се евакуирани од своите домови, објави во средата официјалната новинска агенција Xinhua.

Како резултат на обилните дождови, „15 лица загинаа, а четворица се водат како исчезнати во Чонгкинг во југозападна Кина“, се вели во извештајот во средата рано наутро, пренесе агенцијата, повикувајќи се на локалните власти.

Потврдата за жртви доаѓа еден ден по предупредувањето на метеоролошките служби за можни непогоди предизвикани од дождовите кои зафатија голем дел од центарот и југозападот на земјата, истовремено со уривање на температурни рекорди.

Претседателот Кси Џинпинг нареди „властите на сите нивоа да дадат приоритет на обезбедувањето на безбедноста на луѓето и имотот“, додаде China News во средата.

„Кси истакна дека високите функционери на сите нивоа треба да преземат водство во борбата против поплавите, да ја стават безбедноста на луѓето и имотот на прво место и да се стремат да ги минимизираат загубите“, според New China.

Колкава е штетата говори податокот дека во вторникот поради дожд се урна железнички мост во Чонгкинг, провинција со 31 милион жители, јави Xinhua.

Во соседната провинција Сечуан, повеќе од 460.000 луѓе се погодени во различен степен од поројните дождови оваа недела, додаде агенцијата во вторникот.

Властите соопштија дека околу 85.000 луѓе се евакуирани од своите домови поради дождот и дека оваа недела се очекуваат „големи поплави во планинските области“ и „можни свлечишта на места“.