Кина поднесе нова тужба до СТО против САД

Кинеското Министерство за трговија објави денеска дека поднесло нова жалба до Светската трговска организација (СТО) поради намерата на Вашингтон да наметне тарифи за дополнителен контингент на увезени стоки од Кина во вредност од 200 милијарди долари.

Кинеското министерство за трговија минатата недела објави дека веднаш ќе поднесе жалба до СТО против унилатерализмот на САД откако САД се заканиле со воведување на 10 отсто царински давачки на дополнителни 200 милијарди американски долари од кинескиот увоз, објави Ројтерс.

Канцеларијата на американскиот претставник за трговија на 11 јули објави листа на повеќе од 6.030 кинески производи и предложи да се воведат 10-процентни тарифи за нив.

Канцеларијата ќе го стави планот на јавна расправа и ќе одлучи за тоа по 31 август, објави тогаш агенцијата АП.

Кина брзо одговори на овој потег од страна на САД, велејќи дека новите закани претставуваат “сосема неприфатлива” ескалација на нивниот комерцијален конфликт и рече дека со сите средства ќе ги заштити своите клучни интереси.