Кина порача дека го почитува изборот на Американците, му честиташе на Трамп

(AP Photo/Mark Schiefelbein, File)

Кина објави дека ги почитува резултатите од американските избори и му честиташе на Доналд Трамп за победата, а официјалниот весник повика на „прагматичен“ пристап кон кинеско-американските односи со цел правилно да се решат меѓусебните разлики.

Трамп, републиканец кој најави дека ќе воведе царини за кинески производи, повторно ја освои Белата куќа во вторникот со убедлива победа над демократката Камала Харис.

„Го почитуваме изборот на американскиот народ и му честитаме на г-дин Трамп за неговиот избор за претседател“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Државниот весник China Daily објави дека вториот мандат на Трамп може да означи „нов почеток за кинеско-американските односи доколку не се пропушти можноста“. „Новата американска администрација би можела да го зајакне дијалогот и комуникацијата со Кина за различни гледишта „од тајванското прашање до трговијата и Јужното Кинеско Море“, пишува весникот.

„Прагматичен пристап кон билатералните односи е клучен за надминување на сложеноста на глобалните предизвици. Правилното управување со кинеско-американските односи, кои весникот ги нарекува најважни во светот, „не само што им служи на интересите на двете земји, туку ќе донесе поголема сигурност и стабилност на целиот свет“, пишува China Daily.