Кина во четвртокот предупреди дека е неопходна „голема претпазливост“ поради ширењето на НАТО на Далечниот исток, по медиумските извештаи дека Алијансата планира да воспостави своја мисија во Јапонија за да ги олесни консултациите со сојузниците во регионот.
НАТО планира да ја отвори првата канцеларија за врски во Азија, во Токио, за да ги олесни разговорите со партнерите во безбедносната сфера, како што се, покрај Јапонија и Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, имајќи ги превид геополитичките предизвици кои ги претставуваат Кина и Русија, објави во средата јапонскиот дневен весник Nikkei Asia, повикувајќи се на функционери на Јапонија и НАТО.
Во четвртокот на редовниот брифинг во Пекинг, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Мао Нинг порача дека Азија е „погодна земја за соработка и развој, и дека не би требало да биде арена за геополитичка борба“.
„Континуираното ширење на НАТО на исток, кон азиско-пацифичкиот простор, мешањето во регионалните прашања, обидите за уништување на регионален мир и стабилност и поттикнувањето блоковски конфронтации, бараат голема претпазливост во земјите во регионот“, изјави Мао на брифингот со новинарите.
Весникот Nikkei Asia извести дека предложената канцеларија на НАТО би требало да биде отворена следната година во јапонската престолнина Токио.
На прашање на Reuters за коментар за споменатата информација, портпаролката на НАТО, Оана Лунгески, рекла дека Алијансата нема да навлегува во поединости од разговорите со сојузниците.
„НАТО има канцеларии и договори за врски со бројни меѓународни организации и партнерски земји, а сојузниците редовно ги проценуваат тие договори за да се осигура тие најдобро да им служат на потребите на НАТО и на нашите партнери“, изјавила Лугенску.
Додала дека НАТО има блиско партнерство со Јапонија коешто „континуирано расте“.