Пекинг и Москва преговараат за купопродажба на 100 ударни беспилотни летала кои можат да бидат испорачани уште во март, тврди германскиот весник Der Spiegel повикувајќи се на свои неидентификувани извори.
Според информациите на весникот руската армија води преговори со кинескиот производител на дронови „Xi’an Bingo Intelligent Aviation Technology“. Според написот компанијата наводно се согласила да произведе 100 прототипови на беспилотни летала од моделот „Zt-180“.
Според процените на западните воени експерти, овие дронови „ZT-180“ може да понесе боева глава со тежина од 35 до 50 килограми.
Веднаш во петокот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Ји ги оцени дека изјавите и написите за испорака на кинеско оружје на Русија се „шпекулации насочени против Кина“, истакнувајќи дека Пекинг повикува постојано на мирно решавање на конфликтот за што и го престави својот мировен план, пренесува весникот Tagesschau.
Претходно во четвртокот заменикот кинески амбасадор во ОН, Даи Бинг во своето обраќање порача дека испораките на оружје нема да доведе до мир во Украина.
„Долевањето масло на огнот може само да ги ескалира тензиите“, рече Даи Бинг.
САД, повикувајќи се на разузнавачки информации, минатата седмица објавија дека наводно Кина се подготвува да обезбеди воена поддршка за Русија.
Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гронфилд на Генералното собрание на ОН се закани дека испораките на смртоносно оружје од Кина за Русија ќе биде „црвена линија“ во односите на Вашингтон со Пекинг.
Тие кинески испораки ќе бидат „црвена линија“ и за Европската унија, рече и високиот претставник за заедничка безбедносна и надворешна политика на Унија, Жозеп Борел.
Претходно на Минхенската безбедносна конференција Ентони Блинкен изјави дека кинеските компании веќе ѝ помагаат на Русија и дека новите информации на САД наводно укажувале дека Кина би можела на Москва да ѝ испорача смртоносно оружје. Пекинг го негираше тоа, како и Русија која истакна дека нејзините арсенали ѝ се доволни.
И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, претходно седмицава исто така, рече дека Алијансата „гледа знаци“ дека Кина можеби планира испораки на оружје во Русија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во четвртокот дека западот не треба да се залажува во однос на Кина којашто најави мировен план за војната во Украина. „Не би смееле да се залажуваме во поглед на Кина којашто досега не зазема став против Русија“, изјави канцеларот Олаф Шолц во интервју за јавниот германски телевизиски канал ZDF.
Изјавата на германскиот канцелар следи ден откако главниот кинески дипломат Ванг Ји ја посети Москва и вети продлабочување на соработката во бројни сфери со Русија. Пекинг и Русија објавија „партнерство без ограничувања“ непосредно пред почетокот на руската воена операција во Украина.