Кина против ограничување на цената на руската нафта

Кина во понеделникот јасно порача дека е против ограничувањето на цената на руската нафта, откако министрите за финансии на групата седум најразвиени економии во светот Г7 одлучија да воведат ценовен лимит за да ги намалат руските приходи што според нив би ја спречило Москва да ја води војната со Украина.

Според иницијативата којашто ја поведоа САД и нивните сојузници Велика Британија, Јапонија и Канада, целта е да се постави цената на нивото коешто ги покрива руските маргинални трошоци на производство, за Москва да биде поттикната да продолжи да ја извезува нафтата за да нема недостиг на меѓународните пазари, затоа што руските барели не можат да бидат заменети без поголеми потреси на пазарите. Меѓутоа, според планот на Вашингтон, цената не би требало да овозможи добивки за Русија.

Кина, и покрај бројните повици и инсистирање на САД, одби да ја осуди руската инвазија во Украина и малку беше веројатно дека ќе го поддржи ограничувањето на цената на руската нафта, бидејќи Пекинг настојува да ја обезбеди сопствената енергетска безбедност којашто особено последната половина година засилено ги осигурува со увоз на нафта и гас од Русија.

„Нафтата спаѓа меѓу глобалните суровини и клучно е да се гарантира безбедност на глобалното снабдување со енергија, Се надеваме дека релевантните земји ќе вложат конструктивни напори да ја олеснат ситуацијата со дијалог и консултации, а не да работат спротивно на тоа“, изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовниот брифинг со новинарите.

Кина стана еден од најголемите купувачи на руската нафта, којашто ја купува за повластени цени со долгорочни договори а кои се пониски од оние кои владаат на меѓународните пазари, пред да настапи селективното ембарго на Европската унија на увозот на руската нафта. Во првите седум месеци од годинава, Кина увезол 48,45 милиони тони руска нафта, односно за 4,4 отсто повеќе отколку во истиот период една година претходно.

Русија во вториот квартал годинава станала најголемиот добавувач на нафта во Кина, благодарејќи најмногу на независните кинески рафинерии кои нафтата од земјите како Ангола и Бразил ја заменија со руските барели.

Уште во април Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ѝ порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија може да го создадат еден од најголемите шокови на пазарите на нафта, како и дека картелот не може да ги замени руските количества и дека нема да го зголеми своето производство. Би можело да дојде до губење од 7 милиони барели руска нафта и други енергенси на дневно ниво, поради моменталните и идните санкции и други акции.

Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија

Аналитичарите сметаат, пак, дека Индија и Кина би можеле да го попречат спроведувањето идејата на земјите од групата Г7 за ограничување на цената на руската нафта со ангажирање на своите бродови за нејзиниот извоз. Според аналитичарите , тоа на Русија би ѝ овозможило да ги заобиколи мерките на земјите од Г7 и Европската унија, бидејќи овие две земји, односно нивните бродови и компаниите во кои се регистрирани, на увозниците би им пружале услуги на осигурување и транспорт.