![kina vestacka inteligencija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/kina-vestacka-inteligencija.jpg?resize=670%2C390&ssl=1)
Кинескиот регулатор го претстави во вторникот нацртот за прописите за секторот на генеративната вештачка интелигенција со фокус врз одговорноста на компаниите за веродостојноста на податоците коишто се користат за креирање на содржините.
Кина ги поддржува иновациите и примената на вештачката интелигенција и го поттикнува користењето на безбеден и сигурен софтвер, алатки и податочните ресурси, но содржината коишто ќе ја произведат генеративните вештачки интелигенции мора да биде во согласност со темелните кинески социјалистички вредности, наведува регулаторното тело CAC.
Компаниите за тоа ќе одговараат за веродостојноста на податоците кои се користат за „подучувањето“ на производите од генеративната вештачка интелигенција и ќе мора да преземат мерки за да спречат дискриминација при изработката на алгоритмите и податоците, се додава во соопштението.
Компаниите, исто така, од корисниците ќе мора да бараат податоци за идентитетот и други сродни информации, а доколку не ги почитуваат прописите, им се заканува парична казна, суспензија на услугите што ги пружаат и, потенцијално, кривична истрага.
Доколку платформите на компаниите креираат „несоодветна“ содржина, ќе мора да ја ажурираат технологијата во рок од три месеца, за тоа да не се повтори, соопштија уште од CAC.
Кинеската јавност за овие предлози ќе може да си изјаснува до 10-ти мај годинава, а прописите би можело да стапат на сила до крајот на годинава.
Прописите на кинескиот регулатор се совпаѓаат со настојувањата на неколку влади во светот да ги ублажат опасностите од новата технологија којашто лансирањето на ChatGPT на „OpenAI“ доживеа вистински бум, привлекувајќи ги и потрошувачите и вложувачите. И низа кинески технолошки гиганти, меѓу кои „Baidu“, „SenseTime“ и „Alibabа“ изминатите седмици ги преставија генеративната вештачка интелигенција којашто може да се користи во низа апликации, во распонот од четботот до алатките за креирање фотографии и снимки.