Кина се закани дека „решително ќе преземе легитимни и неопходни противмерки“, како одговор на неодамна најавената продажба на американско оружје на Тајван.
Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пангју, ги повика САД „да ги запрат продажбата на оружје и воената соработка со Тајван, и веднаш да ја отповика продажбата на оружје на Тајван, за да не им се нанесе поголема штета на кинеско-американските односи и на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.
„Кина решително ќе преземе легитимни и неопходни противмерки во заднината на развојот на ситуацијата“, порача Лиу во саботата преку Twitter.
Во петокот Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка (DSCA) при американски Пентагон, објави дека договорот за вооружување во износ од 1,16 милијарди долари вклучува и пакет логистичка поддршка и одржување од 655 милиони долари за радар за противвоздушна одбрана, 355 милиони долари за 60 противбродски проектили „ AGM-84L Harpoon“ и ракети воздух-воздух „ 100 AIM-9X Sidewinder“.
„Предложената продажба ќе помогне да се подобри безбедноста на примателот и ќе помогне во одржувањето на политичката стабилност, воената рамнотежа и економскиот напредок во регионот“, истакнува во соопштението DSCA.
Портпаролот на тајванското министерство за одбрана во сабота изрази благодарност за продажбата, за која се очекува дека ќе ја зајакне воздушната и поморската одбрана на островот против кинеската тактика на „сива зона“ и ќе ја зајакне способноста за рано предупредување на војската.
Кинеските власти се противат на официјалните контакти на други земји со Таван, бидејќи островот го смета за своја одметната покраина. Пекинг го зајакна воздушниот и поморски воен притисок и кибернетички напади на островот, откако претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајпеј, што беше прва тава посета од која Вашингтон се воздржуваше повеќе од 25 години за да не се провоцира Пекинг. Потоа следеа уште две посети на Тајпеј на делегации на американски конгресмени.
Посетата на Пелоси ја разгневи Кина којашто првпат одговори со лансирање на 11 балистички проектили над Тајван и кои паднаа во ексклузивната економска поморска зона на Јапонија и со прекин на дијалогот со САД за некои клучни глобални прашања.
САД, според нивниот договор со Кина, немаат дипломатски односи со Тајван кој не е меѓународно признаена држава, но имаат закон со кој администрацијата е обврзана финансиски и материјално да ја помага одбраната на островот. Кина, пак, никогаш не исклучи употреба на сила за да го врати Тајван под своја контрола. Тајванската влада, пак, вели дека Кина никогаш не го владеела островот, всушност тој до крајот на Втората светска војна и кинеската граѓанска војна бил под окупација на Јапонија, и поради тоа немала права на островот и оти само 23-те милиони „Тајванци“ може да одлучат за својата иднина.