Кина: Се зголемува загадувањето со смог, дефицит на заштитни маски

По една седмица опасно загадување со смог во северниот дел на Кина, се појави дефицит на заштитни маски за филтрирање на воздухот.

Заситеноста на воздухот со микрочестички која се смета за безбедна во Кина, е дваесет пат над нормата на Светската здравствена организација (СЗО).

Специјализираниот синџир за продажба на сингапурски маски за лице за филтрирање „Тотобобо“, соопшти дека нема да биде во состојба да испорача нови количини маски пред 1 април.

Клиентите се жалат дека цените на пречистувачите на воздух, кои се уште се наоѓаат во малопродажба, драстично се зголемиле.

Во кинеската престолнина Пекинг денеска повторно беше регистрирано два пати поголемо атмосферско загадување од дозволените нивоа.

Смогот во Кина предизвика зголемување на атмосферското загадување и во десет јапонски префектури, соопшти јапонското Министерство за здравство. За распространување на штетните честички придонесуваат и бурите со прав, кои во ова време од годината навлегуваат од Кина во Јужна и Централна Јапонија.