Кина создава сајбер оружје способно да ги контролира непријателските сателити

Кина гради високотехнолошки кибернетички оружја со коишто ќе ја „презема контролата“ врз „непријателските“ сателити и ќе ги направи бескорисни за предавање податоци и вршење надзор, објави во петокот весникот Financial Times, повикувајќи се на некои од тајните документи на Пентагон кои протекоа на социјалните мрежи.

Во прилогот се наведува дека во објавениот извештај на американското разузнавање се посочува дека таквото кинеско сајбер-оружје би било користено во време на војна, и со негова примена сателитите на непријателските земји би биле направени бескорисни. Се истакнува дека, според американското разузнавање, стремежите на Кина се да развијат такви технологии е клучниот дел од целите на Пекинг за контрола на информациите.

Кибернетичките напади од Кина, наводно, би можеле да бидат насочени кон имитирање на сигналите коишто „непријателските сателити“ ги добиваат од нивните операторите, овозможувајќи или целосно да се преземе контролата над нив или да се предизвика прекин во критичен момент при воените дејствија, пишува весникот повикувајќи се на документ со ознака за тајност на американската Централна разузнавачка агенција (CIA).

Според содржината на тој документ, таквите кибернетичка способност на Кина ќе ѝ овозможи „да ја преземе контролата над сателитот, што ќе го направи неефективен за поддршка на комуникациите, вооружувањето, системите за надзор и разузнавање“. Притоа Financial Times забележува дека САД никогаш не откриле дали самите имаат такви способности во сферата на сајбер-војувањето.

Од Советот за национална безбедност, Пентагон и CIA одбиле да ги коментираат информациите наведени од весникот, како и веродостојноста на самиот документ. Од кинеската влада веднаш не одговориле на барањето на весникот да ги коментираат податоците.

Пентагон го истражува протекувањето на документите кои носат ознаки за тајност кои се појавија на интернет, а во кои, меѓу другото, се даваат процени за способностите и загубите на украинската војска во војната против Русија, како и плановите на САД и НАТО за зајакнување и подготовката на украинските сили за можна противофанзива.

Весникот The New York Times, кој пред повеќе од две седмици прв објави дека таквите тајни документи на американските разузнавачки агенции веќе извесен период циркулираат на социјалните мрежи, истакнува дека документите се датирани од крајот на февруари и почетокот на март, и наводно се дистрибуирани до каналите на Telegram под контрола на Москва, и дека некои се „дотерувани“ за да ги намалат процените за загубите на руската а да ги зголемат оние на украинските сили.

Покрај тоа, некои од тие документи содржат и податоци кои посочуваат дека САД го шпионирале и украинскиот претседател Володомир Зеленски, но и своите западни сојузници.