Кина обвини неидентификувани странски сили дека ги поттикнале насилните протести во Хонгконг, предупредувајќи ги дека нивната намера е забележана и на крајот ќе им се врати „на нивна штета“.
– Хонгконг е дел од Кина. Странските сили мора да престанат да се мешаат во работите на Хонгконг, изјави кинескиот амбасадор во Велика Британија, Лију Сијаоминг.
Тој оцени дека некои британски политичари се уште ја сметаат таа кинеска територија како дел од својата империја, но изрази надеж дека премиерот Борис Џонсон ќе ги следи случувањата во Хонгконг со големо внимание.
Лију нагласи дека Кина сака случувањата во Хонгконг да завршат на мирен начин, додавајќи дека доколку се радикализираат протестите постои опасност од терористички напади.
Во јуни започнаа масовни протести поради законот за екстрадиција, кои подоцна се проширија и на други демократски барања, кои им се ветени во 1997 година кога Кина го презеде Хонгконг, кој некогаш беше британска колонија.