Кинеската армија тајно инсталирала противморнарички крстосувачки ракети и противоздушни ракетни системи на три свои утврдени позиции кои се наоѓаат на спорните острови во Јужното Кинеско Море, изјавиле за американската телевизиска мрежа CNBC извори запознаени со податоците на американското разузнавање.
Според американски податоци, се проценува дека последниот месец системите се распоредени на природните и вештачки гребени Мисчиф или Мејтци, Саби-Риф и Фахери-Крос во архипелагот Спартли, или на кинески Нанша. Овие системи овозможуваат напади врз бродови во радиус од 295 наутички милји или 546 километри, како и соборување на воздушни цели на растојание од 160 наутички милји, или 296 километри.
Неименуваниот претставник на Пентагон рекол дека натамошната милитаризација на истурените позиции „ќе служи само за зголемување на тензиите и зголемување на недовербата меѓу земјите“, коишто претендираат на овие главно ненаселени територии во Јужното Кинеско Море.
Претходно седмицава весникот The Wall Street Journal објави дека Кина распоредила „специјална опрема“ на две нејзини позиции на спорните острови, коишто имаат способноста да ги попречуваат комуникациските системи и радарските инсталации.
Кина, како и повеќе земји во регионот Јапонија, Виетнам, Филипини и Тајван, сите сојузници на САД, се спорат околу поморските граници и зоните на надлежност во водите на Јужното и на Источното Кинеско Море, низ кои минуваат важни поморски правци преку кои се одвива трговија која на годишно ниво изнесува 5 билиони американски долари.
САД ја обвинуваат Кина дека гради вештачки острови и гребени, како и дека на тој начин ги проширува своите територијални води што ќе ѝ овозможи контрола над областа. Пекинг ги отфрла овие обвинувања, тврдејќи дека историски полага суверенитет над овие архипелази, за кои се проценува дека, исто така, кријат големи резерви од енергенси и минерали.
Во јули 2016 година Постојаниот арбитражен суд во Хаг по барање на Филипони пресуди дека Кина нема основи за територијални претензии во Јужното Кинеско Море. Судот одлучи дека спорните територии од архипелагот Спартли не се острви и не формираат ексклузивна економска зона. Пекинг веднаш објави дека не ја признава арбитражната одлука.