Кинескиот претседател Кси Џинпинг во четвртокот вети помош за Појасот Газа и повика на мировна конференција на состанокот со највисоките претставници на арапските земји.
Кина го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите нации и свикувањето „поголема, поавторитативна и поефикасна меѓународна мировна конференција“, рече Кси во четвртокот во Пекинг.
Кси рече дека Пекинг има намера да помогне во повоената реконструкција и да донира три милиона долари на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток (UNRWA).
„Војната не треба да продолжи во недоглед, правдата не би требало трајно да отсуствува“, рече претседателот на кинеската држава и лидер на Комунистичката партија.
Пекинг зазеде релативно неутрален и став во тековниот конфликт во Газа и постојано повикува на разговори за прекин на огнот без директно да ги осуди нападите на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври кои го предизвикаа конфликтот.
Во средата, Министерството за надворешни работи во Пекинг уште еднаш изрази загриженост поради израелската офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Газа и ги повика „релевантните страни“ да ги прекинат борбите.
Кина со години има добри односи со арапскиот свет богат со ресурси. Кралот на Бахреин Хамад бин Иса ал-Калифа, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, тунискиот претседател Каис Сајед и претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Најан отпатуваа во Пекинг на Форумот за кинеско-арапска соработка.
Пекинг вложува пари во голем број проекти во регионот преку својата иницијатива „Појас и пат“. Кси ги наведе зелените технологии и вештачката интелигенција како други потенцијални области на соработка.