Кина влезе во годината на змијата

На полноќ во средата (17 часот во вторник по средноевропско време), Кина влезе во Годината на змијата и започна долгата прослава на Лунарната Нова година.

Кинеската Нова година, позната и како Пролетниот фестивал, се заснова на традиционалниот лунарен календар и затоа се одржува на различни датуми секоја година, на крајот на јануари или на почетокот на февруари. Се слави и во други азиски земји како Виетнам, Сингапур, Јужна Кореја, Малезија, Тајван и Индонезија.

За време на празникот, кој трае неколку дена, повеќето продавници и канцеларии се затворени, а стотици милиони жители патуваат низ Кина за да прослават во своите родни места. Кинеското Министерство за транспорт очекува околу 510 милиони патници со железница и 90 милиони со авион оваа година.

На многу места се слави со огномет, а во поголемите градови и со претстави со дронови. Кинезите ги следат прославите и дома, на телевизија, а се смета дека станува збор за едни од најгледаните програми во светот.

Кина излегува од Годината на змејот и влегува во Годината на змијата, која во својата традиција претставува мудрост, интуиција и приспособливост. Симболот на змејот е еден од најпопуларните меѓу Кинезите, па многу родители имале за цел нивните деца да се родат во овој знак. Во Годината на змијата често се забележуваат помалку раѓања.