Кина: Западните медиуми паднаа во афазија поради текстот за Северен тек

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Венг Венбин ги критикуваше во четвртокот водечките западни медиуми за нивниот молк по објавувањето на истражувачката сторија на наградуваниот влијателен американски новинар Сејмур Херш во која тој тврди дека зад експлозиите на гасоводите Северен тек стојат администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и Норвешка.

„Откако беше објавен извештајот за новото детално истражување на американскиот новинар Сејмур Херш, западните медиуми, кои секогаш ја промовираа слободата (на говорот), професионализмот и непристрасност, западнаа во колективна афазија (губење или нарушување на јазичните функции, а до тоа доаѓа поради мозочно оштетување и може да вклучува проблеми со разбирање или изразување – з.р.)“, изјави кинескиот дипломат на редовниот дневен брифинг во Пекинг.

Венг Венбин ја истакна изјавата на Херш дека кога тој бил известувач за The New York Times во 1970-те, неговите написи биле објавувани на насловните страници, а другиот влијателен американски весник The Washington Post објавил статија посветена на него.

Семјур Херш е еден од најпознатите американски новинари кој се прослави во 1969 година со објавата на големата истрага за масакрот извршен од американските војници во Сонгми во Виетнам, за што ја доби Пулицеровата награда. Во 1970-те Херш пишуваше опширно за скандалот со прислушување на политичките опоненти „Вотергејт“ поради што оставка поднесе тогашниот претседател на САД, Ричард Никсон, а во 2004 година го објави написот кој предизвика глобален интерес за злоставување на затворениците во затворот Ал Граиб.

„И сега ниеден од овие медиуми не напиша ниту збор за инцидентот со гасоводите, дури ниту ги цитираат демантите од Белата куќа. Би сакал да запрашам дали овие медиуми навистина не го загрижува вистината за експлозиите на гасоводите Северен тек? Или има и други тајни околности? Што сакаат да дознаат а што сакаат да сокрија овие вистински објективни, непристрасни и професионални медиуми?“, додаде Ванг Венбин.

Кинескиот дипломат истакна дека саботирањето на гасоводите има сериозно негативно влијание врз глобалниот енергетски пазар и ја зголеми загриженоста на меѓународната заедница во однос на безбедноста на транснационалната инфраструктура.

„Императивот е да се спроведе објективна, непристрасна и професионална истрага во врска со овој инцидент со експлозии и одговорните за тоа да бидат изведени пред правдата“, заклучи Ванг.

Минатата седмица новинарот Сејмур Херш објави напис за истрагата за несреќата на руските извозни гасоводи поставени по дното на Балтичкото Море до Германија односно до Европа. Повикувајќи се на својот „осведочен“ извпор, според него, минатото лето за време на вежбите на НАТО „Baltops 22“, американски нуркачи подметнале експлозив под четирите цевководи Северен тек 1 и Северен тек 2, а три месеца подоцна Норвежаните го активирале. Покрај тоа, Херш тврди дека претседателот Џо Бајден се одлучил за саботажата по повеќе од девет месеци тајни разговори со специјално формиран меѓуресорски тим за таа акција од службите за национална безбедност. Вашингтон категорично ги негираше овие обвинувања.