Кинеската амбасада му донираше финансиска помош на Министерството за здравство за справување со коронавирусот

Кинеската амбасада во земјава денеска му донираше еден милион и 930 илјади денари на Министерството за здравство за справување со пандемијата со коронавирусот.

Средствата се собрани од страна на Кинеската амбасада, а наскоро се очекува во земјава да пристигне и донацијата од кинеската Влада.

– Донацијата е подготвена, само треба да се договорат техничките детали околу преносот. Кога Кина ги преживуваше најтешките моменти, вашиот претседател и Министерството изразија голема поддршка. Затоа сега е момент да направиме нешто и ние за Вас, истакна кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, кој лично му ја врачи донацијата на министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот изрази благодарност за донацијата и рече дека би било добро да разменат искуства со кинески епидемиолози и инфектолози, бидејќи вирусот во Кина е веќе во една поодмината фаза.

– Свесни сме дека има голема побарувачка на заштитна опрема секаде во светот и затоа сме благодарни за оваа помош. Би било добро на било кој начин да направиме некаква релација со епидемиолози или инфектолози од Кина бидејќи таму вирусот е во поодмината фаза, рече Филипче.

Го информираше амбасадорот дека земјава има стратегија за следните чекори кои би се презеле во наредните месеци по мерките за рестрикција.

Од кинеска страна помош е стигната и на ниво на збратимени градови. Така, збратимениот кинески град со Градот Скопје има донирано 50 илјади маски, а збратимениот град на Прилеп има испратено 200 заштитни одела.

На денешната кратка средба беше разговарано и за организирање на видеоконференција која би се одржала на почетокот на мај, а на која е поканет министерот Филипче лично од директорот на Државниот совет на јавно здравје во Кина.