Кинеската централна банка најавува поддршка за домашната побарувачка

Кинеската централна банка во понеделникот објави дека планира да ја поддржи домашната побарувачка во период на неурамнотежено глобално економско закрепнување и нестабилни основи на економската активност во самата Кина.

Во кварталниот извештај за спроведување на монетарната политика, банката потенцираше дека ќе користи бројни инструменти на монетарната политика за обезбедување соодветна ликвидност. Се додава дека дополнително ќе го поддржат преносниот механизам на монетарната политика, ќе ја подобрат стабилноста на финансиската поддршка за реалната економија и ќе ги одржат цените „разумно стабилни“.

Кинеската економија добива на интензитет, но се соочува со предизвици како што се неурамнотежено глобално економско закрепнување и несигурни основи за домашното економско закрепнување, заклучиле во централната банка.

Пекинг воведе мноштво мерки оваа година за да го поддржи слабото закрепнување по пандемијата на коронаворусот во услови на непопустлива криза во секторот на недвижности, ризици поврзани со долгот на локалната власт, слабиот глобален раст и геополитичките тензии.

Централната банка ќе ги насочува финансиските институции со цел да се елиминираат ризиците поврзани со долгот на локалната самоуправа, велат од таму, посочувајќи дека е неопходна побрза трансформација на економијата.

„Динамиката на понудата и побарувачката на пазарот на недвижности во голема мера се променија“, соопшти централната банка, повторувајќи дека очекува кинеската економија да порасне со стапка од пет проценти оваа година.