Кинеската најава ги крена цените на нафтата близу 73 долари

Цените на нафтата се искачија близу нивото од 73 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи најавата за кинески економски поттикнувања ги надмина намалените проценки на главните производители за растот на побарувачката оваа и следната година.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 74 центи повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 72,93 долари. Речиси за истата вредност поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 69,35 долари.

Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барелoт од рефеентната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот била речиси стабилна на 71,92 долари.

Од почетокот на седмицата, нафтениот пазар е поддржан од кинеската најава за монетарни стимулации на економијата во наредната година. Кина има намера „соодветно да ја олабави“ монетарната политика во 2025 година и ќе води попроактивна фискална политика за да го поттикне економскиот раст, покажа документот од состанокот на врвот на владејачката партија.

Пекинг ќе го засили „неконвенционалното“ контрациклично прилагодување, со фокус на зајакнувањето на домашната побарувачка и потрошувачка, објави државната новинска агенција Xinhua, цитирајќи го резимето на официјалната изјава од состанокот на највисоките претставници на Политбирото на Комунистичката партија.

Иако некои аналитичари забележаа дека „нема многу детали во најавата“, некои во средата оценија дека Пекинг може да го промени фокусот на поттикнувањата.

„Досега (кинеските) напори беа фокусирани на сектори како што се електричните возила и инфраструктурата, но некои очекуваат Кина да се сврти кон мерки за стимулирање на личната потрошувачка… и тоа поттикна оптимизам на пазарот на нафта“, објаснува Ли Ксинг Ган од „Exness“.

Шпекулациите уследија по извештајот на царинската управа кој покажа закрепнување на увозот на нафта во Кина во ноември.

Во средата, доброто расположение беше пригушено од новите прогнози на OPEC за растот на побарувачката оваа и следната година. Во својот последен месечен извештај, OPEC ја намали проценката за растот на побарувачката оваа година за приближно 200.000 барели дневно, на 1,61 милиони барели дневно. Тие, исто така, ја намалија проценката за раст во 2025 година на 1,45 милиони барели дневно.

Од август, групацијата ја намали својата проценка за растот на побарувачката оваа и за следната година за 500.000 барели дневно, нагласувајќи ја првенствено послабата кинеска побарувачка во услови на очекуван побавен економски раст и транзиција кон почисти горива.

Џовани Стауново од UBS истакнува дека според овие проценки, побарувачката сепак ќе расте посилно од понудата од независните производители, што значи дека OPEC и натаму очекува цврсто снабдуван пазар во следната година.

Минатата седмица нафтениот картел и неговите сојузници големи независни производители предводени од Русија, познати како OPEC+, го одложија планираното зголемување на понудата до крајот на март, а исто така го одложија рокот за целосна нормализација на снабдувањето, до крајот на 2026 година.

Залихите на сурова нафта во САД се зголемија за 499.000 барели во седмицата што заврши на 6 декември, рекле за Reuters извори кои сакале да останат анонимни. Резервите на бензини се зголемија за 2,85 милиони барели, а залихите на дестилати за 2,45 милиони, додале.