Кинеската вселенска станица ќе се распадне ноќта кон понеделник

сеКинеската вселенска станица „Тиангонг 1“ треба ноќта кон понеделникот неконтролирано да се врати во атмосферата на Земјата, објави Европската вселенска агенција (ESA) во своите прогнози.

„Нашиот тим предвидува дека тоа би можело да се случи меѓу 1-ви април попладнето и 2-ри април рано утрото, а најверојатно околу 1,25 часот (по средноевропско време)“, истакнуваат од ESA на својата интернет страница додавајќи дека прогнозите се „подложни на промени“.

Првата кинеска вселенска станица е лансирана во септември 2011 година. „Тиангонг 1“, чиешто име значи Вселенска палата, е долга 10,4 и широка 3,3 метри. Се состои од експериментална лабораторија, сервисен модул и две соларни плочи со димензии по 3 на 7 метри секоја.

Станицата требаше контролирано да се врати во атмосферата на Земјата, но во март 2016 година престана со примањето сигнали од центарот, што ја поттикна загриженоста во врска со нејзиното „уривање“.

„Нема причина за загриженост“, објави на социјалната мрежа CMSEO кинеското Инженерско биро за летово со човечки екипаж.

„Најголемиот дел од станицата ќе согори под влијание на извонредно високата температура која се создава поради тоа што со голема брзина влегува во атмосферата“, истакнуваат од ESA.

Меѓутоа, „имајќи го предвид она што се случуваше при контролираните враќања на вселенските бродови со слична големина и маса, можеме да очекуваме дека некои делови нема да согорат и дека ќе паднат на Земјата“, додава агенцијата.

Областа на којашто остатоците од станицата би можеле да паднат е многу широка. „Областа се сместува меѓу 43 степени северна и 43 степени јужна географска широчина“, истакнаа од ESA во саботата.

Тоа подрачје го опфаќа африканскиот континент, југот на Европа, дел од Азија и Нов Зеланд, голем дел од Јужна Америка и помал дел од Северна Америка.

Во изминатите шеесет години, колку што се организираат вселенските летови, имало околу 6.000 неконтролирани враќања на големи летала, главно сателити и делови од ракети. Досега само едно парче од таков објект погодил еден човек во рамето, но посериозно не го повредил.