Округ во источна Кина им нуди на двојките „награда“ од 1.000 јуани, или 137 американски долари, за венчавка доколку невестата има 25 или помалку години, што е најнова мерка во настојувањата да се поттикнат младите на склучување бракови на помлада возраст, откако властите се сѐ повеќе загрижени поради падот на наталитетот.
На официјалниот профил на социјалната мрежа Wechat на округот Чангшанг од минатата седмица е објавено известувањето за давање на надоместокот за поттикнување „брак и раѓање деца во примерна возраст“.
Поради падот на бројот на населението во Кина првпат по шест децении и брзото стареење, властите итн се обидуваат да преземат низа мерки за покревање на стапката на наталитетот, што вклучува финансиски поттикнувања и подобрување на институциите за грижа за децата.
Според кинеската возрасна граница, мажите може да стапат во брак со 22 а жените со 20 години, но паѓа и бројката на двојките кои се решаваат на тоа. И официјалните политики влијаеле на падот на наталитетот и им отежнаа на немажените жени да имаат деца.
Стапката на склучени бракови паднала минатата 2022 година на рекодно ниско ниво, на 6,8 милиони, што е најниското од 1986 година, според владините податоци од јуни годинава. Лани биле склучени 800.000 бракови помалку отколку претходната 2021 година.
Се проценува дека стапката на раѓање во Кина паднала на рекордно ниско ниво од 1,08 во 2022 година, известуваат службените медиуми. Големите трошоци за грижа за децата и прекинување на кариерата спречиле многу жени да имаат повеќе деца или воопшто да раѓаат.
Половата дискриминација и традиционалниот стереотип за жените кои само се грижат за свотие деца, сѐ уште се раширени во земјата.
Нискиот индекс на доверба на потрошувачите и сѐ поголемата загриженост за кондицијата на кинеската економија се, исто така, меѓу клучните фактори коишто младите Кинези ги наведуваат како пшричини зошто не сакаат да се венчаат и да имаат деца.