Деликатниот мал сад, со дијаметар од десетина сантиметри, е продаден за повеќе од 25 милиони долари на наддавање на кинески уметнички дела во Хангконг.
Според аукциската куќа Sotheby’s, која минатата седмица ја организирала повеќедневната аукција, садот припаѓа на ретките примероци керамика декорирана во царските работилници во Пекинг во XVIII век.
Садот, според истиот извор, е произведен во периодот на владеењето на царот Јонгженг, кој владеел со Кина од 1722 до 1735 година, иако емајлот веројатно е насликан по неговата смрт.
На садот се прикажани две ластовици, стебло од кајсија во цутење и врба. Дизајнот, исто така, содржи извадок од песната за која се смета дека ја нарачал претходникот на царот Јонгженг од династијата Минг, царот Ванли.
Во аукцискиот каталог, експертката за керамика Регина Крахл наведува дека мотивите со птиците и цвеќето биле популарни во периодот Јонгженг. Исто така, го опишува садот како дела од мала група предмети кои претставуваат „врв на сликањето на порцелан, вештина која никогаш не е надмината“.
Повеќето преостанати примероци од таа колекција се чуваат во музеј на Тајван.
Порано дел од два речиси идентични садови, овој сад првпат бил регистриран во збирката на поморски трговец со седиште во Шангај, капетанот Чарлс Освалд Лидел, кон крајот на XIX век. Двата сада се раздвоени во 1929 година, кога се продадени за 150 фунти секоја. „Близнакот“ на садот продаден во саботата се чува во Британскиот музеј во Лондон, наведува Sotheby’s.