Кинески воени маневри близу Тајван

Кинеските вооружени сили во неделата одржаа маневри на различни водови и родови војски во близина на островот Тајван, изјави портпаролот на Источната зона на борбената команда на кинеската армија, Ши Ји.

„Источната борбена командна зона на Народноослободителната војска на 25-ти декември спроведе заедничко патролирање и практични воени вежби на различни видови и родови војски во поморскиот и воздушниот простор околу островот Тајван“, објави Ши Ји на официјалната страница на командата на социјалната мрежа WeChat.

Во објавата Ши истакнува дека маневрите се „решителен одговор“ на Кина на „неодамнешната ескалација на провокативните дејствија на САД“ во врска со тајванското прашање.

Додава и дека трупите на кинеската Источна зона на борбената команда ќе продолжат да преземаат „решителни мерки за заштита на државниот суверенитет и територијален интегритет“ на Кина.

Ситуацијата околу Тајван значително ескалира по посетата на островот на почетокот на август на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, отстапуајќи од долгогодишната практика на островот да не испраќа највисоки државни функционер. Кина, која го смета островот за една од своите провинции, ја осуди посетата на Пелоси, гледајќи во овој потег поддршката на САД за тајванскиот сепаратизам и одржа големи воени вежби.

Кина, која Тајван го смета за своја одметната покраина, одамна се обврза островот да го врати во својот состав и никогаш не исклучи можност за примена на сила за исполнување на таа цел, иако изминатите години се трудеше тој процес да го артикулира преку поддржување про-пекиншки струи на островот и со економски привлекување. Властите во Тајпеј, пак, се противат на кинеските намери и велат дека за тоа ќе мора да одлучат 23-те милиони жители.

Кина на Тајван му го понуди моделот „една земја два систем“, но тогаш го отфрлија повеќето главни партии на островот, и се тврди дека нема јавна поддршка.

Тајван е управуван од сопствена администрација од 1949 година, кога остатоци на силите на Куомитангот предводени од Чанг Кајшек (1887-1975) по поразот во граѓанската војна со Комунистичката партија на Кина побегнаа на островот. Оттогаш Тајпеј го задржа знамето и некои други атрибути на поранешната Република Кина, кои постоеја во континенталниот дел пред на власт да дојде Комунистичката партија.

Кина не го признава суверенитетот на Тајван и го смета за своја одметната покраина, и категорично се спротиставува на секој контакт на тамошните власти со официјални претставници на власти и војските на други земји. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“.