Кинескиот извоз благо пораснал во ноември, покажуваат податоците на царинската служба објавени во четвртокот, што сигнализираше закрепнување на странската побарувачка по петмесечен период на опаѓање.
Извозот во ноември е зголемен за 0,5 отсто во однос на истиот месец лани. Во октомври беше намален за 6,4 отсто. Увозот, пак, во октомври е намален за 0,6 отсто, по падот од 6,4 отсто во претходниот месец.
Кинеската економија сè уште се опоравува од последиците од строгите мерки за сузбивање на ковид-19, а исто така страда и од слабата побарувачка и ограничувањата од САД, кои се обидуваат да ја намалат зависноста од кинеските стоки и суровини и да ги преместат набавките и производството во „пријателски земји“.
Во такви услови кинескиот извоз бележи пад од пролетта, додека увозот беше отежнат поради нерамномерната домашна побарувачка.
Трговските податоци за ноември покажаа знаци на подобрување на трговијата со водечките партнери, при што извозот во САД, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван е зголемен во споредба со октомври.
Странската побарувачка вообичаено расте во претпразничниот период на крајот на годината, но аналитичарите се загрижени за слабеењето на домашната побарувачка.
„Извозната побарувачка е подобрена, но не е можно со сигурност да се предвиди дали извозот може да го поддржи растот и во следната година“, вели аналитичарот на „Pinpoint Asset Management“, Живеи Жанг.
„Економската активност во Европската унија и во САД слабее, така што на Кина сè уште ќе ѝ треба домашната побарувачка како главен двигател на растот во 2024 година“, објаснува Жанг.