Кинескиот извоз благо забавил во јули

Кинескиот извоз благо забавил во јули, додека увозот скокна, што сигнализира зголемени трговски тензии со САД и Европската унија и закрепнување на домашната побарувачка, покажаа податоците на царинската управа во средата.

Изразено во долари, извозот во јули е зголемен за седум отсто во однос на истиот период лани. Во јуни е зголемен за 8,6 отсто. Увозот, пак, по неочекуваниот пад во јуни, порасна за 7,2 отсто.

Така, суфицитот во надворешно-трговската размена се намали на 84,65 милијарди долари и е за 14,5 отсто помал во однос на претходниот месец.

Малото забавување на извозот ги одразува новите трговски ограничувања на САД и дополнителните увозни царини на Европската унија на кинеските електрични автомобили.

Изразено во јуани, извозот на стоки порасна за 6,5 отсто, а увозот за 6,6 отсто. Годишната стапка на раст на увозот и извозот надмина пет проценти четврти месец по ред, соопшти царинската управа.

Растот на извозот беше стимулиран од повеќе фактори, објаснува пекиншкиот економист Тијан Јун во интервју за Global Times, издвојувајќи ги намалените каматни стапки во одредени земји и Олимписките игри во Париз.

Во периодот од јануари до јули извозот е зголемен за 6,7 отсто, а увозот за 5,4 отсто, покажуваат податоците на царинската управа. Во првите шест месеци од годинава се зголемени за 6,2, односно 6,1 отсто.

„Како целина, кинеската економија расте со стабилно темпо од почетокот на годината, (…) со континуирано стабилно подобрување на надворешната трговија“, се вели во соопштението на царинската управа на својата веб-страница.

Во првите седум месеци од оваа година, членките на ASEAN го задржаа својот статус на главни трговски партнери, при што вредноста на билатералната трговија се зголеми за 10,5 отсто во однос на истиот период минатата година, на 3,92 трилиони јуани и со учество во вкупната размена обем од 15,8 отсто, според Global Times.

Второто место го задржа ЕУ со стагнација на размена, а САД го потврдија третото место со вредност повисока за 4,1 отсто.

Нешто повеќе од половина од извозот во периодот од јануари до јули се „електромеханички производи“, со 8,3 отсто поголема вредност на испораките, во вкупна вредност од 8,41 трилиони јуани. Испораките на електронски уреди скокнале за 25,8 отсто, а испораките на автомобили за 20,7 отсто, покажуваат податоците на Царинската управа кои ги наведува Global Times.