Кинеските производители на автомобили и шпедитерите нарачуваат рекорден број бродови за да го поддржат бранот пратки на електрични возила, покажуваат податоците.
Кинеската флота моментално е рангирана на осмото место во светот со 33 транспортери на автомобили, според податоците на консултантската фирма „Veson Nautical“. На прво место е Јапонија со 283 бродови, потоа Норвешка со 102, Јужна Кореја со 72 и Островот Ман со 61 брод.
Меѓутоа, кинеските компании веќе нарачале уште 47 бродови, што сочинува четвртина од светските нарачки. Меѓу клиентите се и производителите на автомобили „SAIC Motor“, „Chery Automobile“ и BYD, но логистичките компании како COSCO и „China Merchants“, исто така, нарачуваат бродови.
„Штом таа ‘армада’ ќе биде испорачана во Кина, уделот на кинеската флота за транспорт на автомобилир ќе скокне од сегашните 2,4 проценти на 8,7 проценти… Очекуваме да се воспостават нови трговски рути, речиси исклучиво за кинеските производители на автомобили“, вели Андреа де Лука од „Veson“.
Најголем дел од глобалните нарачки досега, односно 82 отсто, отишле во кинески бродоградилишта, покажуваат податоците.
Поради жестоката конкуренција што ги намалува цените, штедливите потрошувачи и слабата домашна економија, производителите на автомобили брзо се прошируваат на пазари каде што можат да постигнат подобри цени. Минатата година Кина ја престигна Јапонија и стана најголем извозник на автомобили во светот.
Само BYD лани извезе над 240.000 автомобили, а годинава планира да извезе до 400.000.
И странските главно западни конкуренти, како што се „Tesla“ и „Volkswagen“, прават повеќе автомобили во Кина за извоз за да ги искористат предностите на економичниот синџир на снабдување.
Поради зголемувањето на цените на превозот и поддршката од локалните власти, производителите на автомобили сега одлучија да купуваат бродови и сами да ги испорачуваат. До крајот на 2023 година, изнајмувањето на брод способен да превезува 6.500 возила чинеше 115.000 долари дневно, што е повеќе од седум пати повеќе од просекот во 2019 година, покажуваат податоците на консултантската фирма Кларксон.