![li sangfu kina](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/05/li-sangfu-kina.jpg?resize=696%2C482&ssl=1)
Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу ќе ги посети Русија и Белорусија од 14-ти до 19-ти август, соопшти во понеделникот кинеското Министерство за одбрана.
Во текот на престојот во Русија, министерот Ли ќе присустува на меѓународниот безбедносен состанoк на кој ќе има и свое обраќање, се наведува во соопштението. Се додава и дека ќе има одвоени средби со руските одбранбени челници.
Во текот на посетата на Белорусија, пак, Ли Шангфу ќе се сретне со белорускиот државен и воен врв, додаваат од Пекинг.
Кина и Русија особено последните две години ги засилија воените врски, спроведувајќи чести заеднички воени вежби и поморски и воздушни патроли во регионот на Пацификот.
Ли во април годинава, откако во март беше именуван на должноста кинески министер за одбрана, во своето прво патување во странство ја посети Москва каде што разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и рускиот колега по должност Сергеј Шојгу, ветувајќи јакнење на воената соработка меѓу двете земји. А во јули во Пекинг Ли се сретна со командантот на руската воена морнарица.
Од друга страна, пак, на крајот на мај Пекинг го одби барањето на Вашингтон, Ли Шангфу да се сретне со американскиот министер за одбрана Лојд Остин безбедносниот форум во Сингапур.
Ли Шангфу, кого безбедносните аналитичари го сметаат за ветеран во напорите за модернизација на кинеската Народноослободителна војска, е под санкции на САД од 2018 година поради купување борбени авиони и опрема од главниот руски извозник на вооружување концернот „Рособоронекспорт“. Ли е член на Централната воена комисија, највисокото одбранбено тело на Кина со кое претседава претседателот Кси Џинпинг.