Кинескиот производител на електрични возила BYD проценува дека неговата нето добивка речиси ќе се удвои за минатата 2023 година, благодарение на силната продажба и намалените трошоци.
Во BYD проценуваат дека нето профитот за 2023 година е во опсег од 29 милијарди до 31 милијарди јуани (меѓу 4,04 милијарди и 4,32 милијарди американски долари), што би претставувало зголемување од 74,46 до 86,49 отсто во однос на претходната 2022 година, покажува поднесокот за берзата во Шенжен – Shenzhen Stock Exchange.
Проценетиот скок е сè уште далеку поблаг отколку во 2022 година, кога се зголеми повеќе од петкратно, достигнувајќи 16,6 милијарди јуани.
„И покрај тешката конкуренција во индустријата, компанијата постигна значителен напредок во профитабилноста и покажа силна отпорност“, објави BYD.
Резултатите биле постигнати благодарение на факторите како „остриот раст“ на продажбата во странство, поволниот однос меѓу нарачките и производствениот капацитет и способноста да се контролираат трошоците во синџирот на снабдување, соопшти компанијата со седиште во Шенжен.
На крајот на минатата година, BYD ја престигна „Tesla“ и испорача 526.409 возила на клиентите, наспроти 484.507 на „Tesla“. Во цела 2023 година, компанијата продаде 61,9 отсто повеќе автомобили отколку во 2022 година, околу 3,02 милиони.
Во јануари, BYD претстави три модела на електрични возила на батерии во Индонезија, со цел да го преземе лидерството на пазарот во најголемата економија во Југоисточна Азија.
Освен автомобили, бизнисот на BYD вклучува и продажба на електронски компоненти за паметни телефони.