Кинескиот производител на возови се откажа од тендерот во Бугарија по одлуката на ЕК

Кинескиот производител на возови „CRRC Qingdao Sifang Locomotive“ се повлече од јавниот тендер во Бугарија по одлуката на Европската комисија да започне истрага за наводни можни незаконски субвенции.

Бугарија планираше да купи 20 електрични возови на јавен тендер за 1,2 милијарди бугарски лева (610 милиони евра), заедно со нивните услуги за одржување во период од 15 години. Кинеската компанија влезе на тендерот со понуда вредна 600 милиони евра, приближно за половина поповолна понуда од онаа на шпанскиот конкурент „Talgo“.

Затоа, Брисел започна истрага кон средината на февруари, првпат користејќи ги новите овластувања, за да утврди дали поповолната понуда на кинеската компанија е резултат на државни субвенции. Според новите прописи, фирмите мора да пријават субвенции на тендери во вредност од над 250 милиони евра, а Комисијата може да покрене истрага доколку се сомнева дека не ги исполниле обврските и да ги исклучи од тендерот.

Кинескиот концерн CRRC ја повлече својата понуда за набавка на возовите во вторникот, а ЕК заклучи дека „првата истрага, заснована на регулативата за странска субвенција, даде резултат за само неколку седмици“, според еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон.

Пазарот на Европската унија „е отворен за компании кои се навистина конкурентни и играат фер“, нагласи Бретон во изјавата објавена во вторник.

Кинеската бизнис асоцијација во Европа изрази „длабока загриженост“ поради таквиот исход.

„Ја разбираме одлуката на кинеската компанија, но клучно е да се нагласи дека оваа сага се надоврзува на доказите кои упатуваат на заклучокот дека ЕУ ја користи регулативата како нова алатка за да ги одврати странските компании, принудувајќи ги на повлекување и издвојувањет на нивниот бизнис“, се вели во соопштението на Кинеската стопанска комора во ЕУ.