Целиот персонал во генералниот конзулат на Кина во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, ја напушти зградата по барањето на американските власти да биде затворена оваа дипломатска мисија, пренесува во саботата агенцијата Associated Press.
Откако автомобилите и возилата со кинеските дипломати ја напупштиле територијата на конзулатот, неколкумина припадници на американските федерални служби влегле во зградата на конзулатот.
Вашингтон во вторникот побара од Пекинг во рок од 72 часа да го затвори генералниот конзулат во Хјустон. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин оцени дека оваа „еднострана политичка провокација од страна на САД сериозно и ги нарушува нормите на меѓународното право и клучните принципи на меѓународните односи, како и конзуларните договори“ на двете земји.
Заменикот на американскиот државен секретар, Стивен Биган, претходно изјави дека затворањето на дипломатската мисија било барано од кинеската страна поради „кражба на американски технологии“, „несоодветно практикување“ на програмите за студентска размена, како и „несоодветноста со стандардната практика на дипломатски однесување“. Биган одби за медиумите да открие поединости.
Во петокот кинеското министерство за надворешни работи како одговор на активностите на Вашингтон ја извести амбасадата на САД во Пекинг за нејзината одлука да го затвори американскиот генерален конзулат во Ченгду, во југозападната провинција Сечуан. Кинеската дипломатија порача дека станува збор за реципрочен одговор на чекорот на САД и, исто така, даде рок од 72 часа да се испразни зградата на конзулатот.