Кина доминира во глобалниот градежен сектор, а кинеските компании генерираат повеќе од половина од приходите меѓу 100-те најголеми градежни компании во светот, се вели во извештајот објавен во петокот од ревизорската куќа Deloitte.
Најголемата градежна компанија во светот е „China State Construction Engineering Corporation“ (CSCEC), со годишен приход од 305 милијарди долари. Во првите десет, според приходите, има дури осум кинески компании.
Севкупно, приходите на 100-те најдобри светски градежни компании се зголемија на 1,9 трилиони долари минатата година, што е за 6,3 отсто повеќе од 2021 година, објавија од Deloitte. Во исто време, 54 отсто од таа сума заработиле кинески компании, од кои 11 се вклучени на листата на 100 најголеми во светот, односно повеќе од трилион долари.
Зголемувањето на приходите лани се случи и покрај сериозните проблеми со кои се соочи градежниот сектор. Низ светот, градежната индустрија растеше значително побавно отколку во претходните години, изјави партнерот на Deloitte, Мајкл Милер.
Пазарната вредност на 100-те најголеми компании падна за речиси 15 отсто, на околу 600 милијарди долари. Градежната индустрија и натаму е под влијание на прекини во синџирот на снабдување, недостиг од суровини и недостаток на работна сила, како и зголемените трошоци за енергија и материјали, инфлацијата и зголемените каматни стапки, нагласи тој. Но, Милер додава дека глобалните напори за заштита на климата треба да дадат нов поттик.
Според бројот компании на листата на 100-те најголеми, европските градежни компании предничат со 41, а кои лани заработиле вкупно 373,6 милиони долари, што е за 6т отсто повеќе, но нивната пазарна капитализација паднала за цели 22 отсто. Најголеми европски градежни компании се француските групации „Vinci“ рангирана на 7-то место, „Bouyges“ на 9-то и „Eiffage“ на 17-то, како и шпанската групација ACS на 12-то место.
Далеку зад кинеските се најдоа 14 јапонски компании кои заедно оствариле обрт од 190 милијарди долари. САД во ова рангирање имаат 13 претставници со вкупен промет од 165 милијарди долари.