Кинеските инвестиции во Иран десеткратно зголемени во 2023-та

Кинеските инвестиции во Иран се зголемиле десеткратно во изминатата 2023 година, изјави во вторникот заменик министерот за економија и финансии.

„Кинеските инвестиции минатата година достигнаа три милијарди долари и беа десет пати поголеми од претходната година“, изјавил заменик министерот за економија и претседател на Организацијата за странски инвестиции Али Фекри во интервју за IRNA.

Според извештајот на агенцијата Tasnim, кинескиот капитал главно бил насочен кон проекти од областа на логистиката, инфраструктурата и рударството.

Иран е под санкции на САД и ЕУ поради развојот на неговата нуклеарна програма, откако САД се повлекоа од договорот од 2015 година меѓу шесте светски сили и Техеран со кој беа укинати децениниските санкции во замена за ограничување и контролирање на иранската нуклеарна програма за која се истакнува дека се користи за цивилни цели. Откако земјите од ЕУ не успеаја да ја заштитат иранската економија од санкциите коишто ги воведе поранешниот претседател Доналд Трамп, Иран почна постапно да ги прекршува своите обврски од договорот, особено во поглед на збогатувањето на ураниумот до ниво од кое лесно може да се произведе нуклеарно оружје.

Кина е важен економски партнер за Техеран и е главен купувач на иранска нафта. Двете земји склучија 25-годишен договор за соработка во 2021 година.

Од почетокот на мандатот на претседателот Ебрахим Раиси во август 2021 година, Иран привлече 10,6 милијарди долари странски капитал, изјави претставник на Министерството за економски прашања и финансии. Русија инвестирала најмногу капитал во тој период, а меѓу позначајните инвеститори, покрај Кина, се и Обединетите Арапски Емирати, Турција, Ирак и Индија, изјави ирански претставник.

„Развојот и продлабочувањето на односите со соседните земји е главната стратегија на владата“, потенцира Фекри.

Во 2022 година, странските директни инвестиции во Иран достигнале 1,5 милијарди долари, според Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD).