Функционерите на владејачката кинеска Комунистичка партија го опишаа во петокот претседателот Кси Џинпинг како „кормилар“ и „народен водач“ во искажувањето на поддршката за неговото континуирано водство на државата.
Речиси е сигурно дека Кси ќе го обезбеди третиот мандат како челник на партијата следната година.
На крајот од четиридневниот состанок зад затворени врати во четвртокот, партијата ја донесе „историската резолуција“ којашто ги истакнува нејзините достигнувања под водство на Кси и го величи неговиот авторитет. Целиот текст од резолуцијата допрва треба да биде објавен.
Инаку „кормилар“ и „народен водач“ се описи коишто се користени пред шеесеттина години во текот на култот на личноста на Мао Цетунг, кој ја предводеше партијата до постигнувањето на моќта во 1949 година. Пропагандистите на партијата го користеа култот на личноста да привлечат поддршка за водачот.
„Сѐ додека го поддржуваме другарот Кси Џинпинг како јадро… големото пловило на кинеското подмладување ќе има кормилар и ќе се соочува со сите бури“, изјави на прес-конференцијата Џианг Џинкуан, кој ја предводи комисијата за истражувања на партијата, за овонеделниот состанок познат како Шестиот пленум.
Додаде дека Кси Џинпинг во целост заслужува да биде нарекуван „народен владетел“.
Партијата се осврнала на своите достигнувања во стоте години од основањето, и заклучила дека мора да се обедини околу Кси, според соопштението од пленумот кое беше објавено во четвртокот.
Аналитичарите забележуваат дека од соопштението отсуствуваат мречните моменти од историјата на партијата, кои го вклучувааг Големиот скок напред, амбициозната кампања започната од Мао во 1958 година за да се зголеми родот на житарките, што лошо се развивало и довело до смрт од глад на милиони луѓе.
Меѓутоа висок партиски функционер на конференцијата за медиумите во петокот го спомена Големиот скок напред за да објасни зошто земјата не смее да претерува во обидите да ги реши денешните проблеми со намалувањето на емисиите на јаглеродот и јазот во приходите.
„Во совладувањето на лекциите од Големиот скок напред и кампањата Народна комуна од 1950-те години, мораме да бараме напредок додека ја одржуваме стабилноста во своите обиди да го постигнеме јаглеродниот пик, карбонската неутралност и заедничкиот напредок“, рече Хан Венксиу, заменик на шефот на партиската комисија за финансиски и економски прашања.
„Дури и кога би го дистрибуирале бруто националниот приход подеднакво за секој поединец, не би постигнале заеднички напредок“, рече Хан истакнувајќи дека кинескиот БДП по жител сѐ уште не е на нивото на земјите со високи приходи.
Кси ги повикува Кинезите да достигнат „заеднички напредок“, барајќи да се стесни воочливиот јаз во богатството кој се заканува на економско назадување на земјата и легимитетот на владеењето на Комунистичката партија. „Заедничкиот напредок“, како идеја, не е нова во Кина. Првпат терминот го споменал Мао Цетунг во 1950-те години.