Цените на нафтата се задржаа под нивото од 85 долари во понеделникот, што ја одразува загриженоста на трговците поради знаците за забавување на кинеската економија кои претежнаа над шпекулациите дека американската централна банка наскоро би можела да ги намали каматните стапки за да ја поттикне економската активност и побарувачката на енергија.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 20 центи во однос на затворањето на трговувањето на крајот од минатата седмица и изнесуваше 84,83 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по речиси непроменета цена од 82,07 долари.
На крајот од минатата седмица инвеститорите беа „орасположени“ од извештајот за инфлацијата во САД, кој покажа дека потрошувачките цени паднале во јуни на месечна основа првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот, поттикнувајќи шпекулации дека централната банка на САД може да наскоро ги намали каматните стапки. Имено, пониските трошоци за задолжување би го стимулирале економскиот раст, што би значело и поголема побарувачка за енергетски производи.
Пазарите сега проценуваат дека Fed речиси сигурно ќе ги намали каматните стапки во септември. Пред една седмица, според нивните пресметки, шансите за нивно намалување беа 72 отсто.
На почетокот од седмицата расположението беше пригушено од податоците од Кина. Економската активност бележи раст во вториот квартал за 4,7 отсто во однос на истиот период лани, послабо од почетокот на годината. Увозот на нафта е намален за 2,3 отсто во првата половина од годината, покажуваат одделните податоци објавени минатиот петок.
„Инфлацијата во САД беше послаба од очекуваното во јуни, па пазарот се надева на пониски каматни стапки, но кинескиот увоз се намали во јуни, потсетувајќи дека проблемите не исчезнаа“, објаснува Џорџ Павел од „Capex.com Middle East“.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници во меѓувреме ја намалуваат понудата за да одговараат на побарувачката. Ирачкото Министерство за нафта соопшти во текот на викендот дека ќе пушти помалку барели на пазарот во наредните месеци за да го надомести пречекорувањето на квотите од почетокот на годината.
Нафтениот картел засебно денеска објави дека во петокот цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета на 86,27 долари.