Учеството на Кипар на натпреварувањето за Евросонг го навлече гневот на многубројните христијански верници кои во саботата протестираа пред зградата на државната телевизија во главниот град Никозија.
Собраните ја критикуваа песната со наслов „El Diablo“, ѓавол на шпански јазик, на домашната пејачка Елена Цагрину, бидејќи како што велат се занимава со сотоната.
Петицијата против песната на интернет досега ја потпишале повеќе од 19.000 лица, а пред една седмица анонимно лице се закануваше дека ќе подметне пожар во зградата на државната радиотелевизија. И Кипарската православна црква ја повика владата да ја повлече песната од натпреварот за песна на Евровизијата.
Демонстрантите во саботата пред зградата на јавниот радиодифузен сервис истакнаа транспаренти на кои пишуваше „Не за Ел Дијабло“ и „Кипар го сака Христос“.
Еден од противниците на песната, кој во рацете носел голем крст се обидел да мине преку забарикадираната врата на редиотелевизијата за да влезе во зградата. Локалните медиуми пренесуваат дека полицијата која го контролирала протестот, сепак не морала да интервенира.
И покрај реакциите на дел од населението, државната телевизија одлучи да го поддржи учеството на избраната песна на Евросонгот.
„Во песната не станува збор за давање почест на ѓаволот, туку за жена којашто се обидува да се отргне од канџите на лошиот, зол маж“, појаснува во соопштение за јавноста јавната теелвизија, а песната доби поддршка и од кипарската влада.
Телевизијата наведува дека кипарската претставничка Елена Цагрину е сѐ попопуларна и во саботата вечерта нејзината песна на YouTube имала милиони прегледи.
Самата Цигрину за CNN изјави дека таа и членовите на нејзиниот тим се доследни на својата цел, а тоа е да го претставуваат Кипар на Евросонгот кој се одржува во холандски Ротердам од 18-ти до 22-ри мај.
Автори на песната „Ел дијабло“ се Џими Торнфилд, Лорел Баркер, Окса и Томас Стенгард.