![filip II](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/07/filip-II.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Одличниот резултат на македонскиот шампион Вардар на вчерашното гостување во Никозија против АПОЕЛ предизвика еуфорија меѓу навивачите на црвено-црните, па за очекување е дека во вторник Скопје ќе гори, а Кипраните ќе ги чека вулкан на Националната Арена „Филип Втори”.
Ако се суди според почетната продажба на билети за реванш дуелот и еуфоријата по 0-0, повеќе од извесно е дека Вардар ќе има огромна поддршка од трибините. Досега се продадени 5.000 влезници и тоа пред Вардар да се избори за посакуван резултат, но по вчерашното „прво полувреме“ во двомечот од второто квалификациско коло, допрва следи навивачката еуфорија за билети и зголемената продажба на влезници за мечот.
Вардар уште пред две недели ги пушти влезниците во продажба по ептен популарна цена од 100 денари и билетите може да се купат преку мрежата на МК-тикетс, како и на низа продажни места во Скопје и во Македонија. Билети се пуштени за двете централни трибини, јужната и северната, а западната е резервирана за Комитите.
Вардар има голема шанса која треба да ја искористи по кипарските 0-0, а на фудбалерите уште повеќе им е потребна поддршката од трибините и навивачите на црвено-црните да бидат 12 играч на реваншот. Еуфоријата која ги зафати приврзаниците на црвено-црните е гаранцијата дека „Филип Втори“ ќе биде исполнет и дека АПОЕЛ ќе го дочека пекол.
Извор: Спортмедиа