Киргистанскиот претседател Сооронбеј Жеенбеков поднесе оставка денеска по политичките превирања во државата.
„Не ја држам власта. Не сакам да останам во историјата на Киргистан како претседател кој пролеваше крв и пукаше кон сопствените граѓани. Затоа, донесов одлука за оставка“, нагласи Жеенбеков во изјавата за јавноста.
Киргистан, земја со 6,5 милиони жители и најсирамашната од некогашните советски република сместена на границата со Кина, беше втурната во хаос по гласањето на 4-ти октомври, по тврдењата на опозицијата дека изборите биле нефер со купување гласови и други нерегуларности.
Демонстранти потоа ги заезедоа владините згради, демолирајќи некои канцеларии, а Централната изборна комисија ги поништи изборите. Жеенбеков воведе вонредна состојба во главниот град што беше одобрена во вторникот од парламентот.
Властите распоредија војници во престолнината Бишкек изминатиот викенд и воведоа полициски час. Овој потег ги намали тензиите во градот, но почнаа да се формираат групи за заштита на имотот. Продавниците и банките кои беа затворени минатата седмица повторно почнаа со работа.
Опозицијата е поделена на 11 партии кои всушност гио претставуваат интересите на регионалните семејни кланови во државата во којашто од 2005 година со протести и бунтови беа соборени двајца претседатели.
На парламентарните избори победија двете партии кои се сојузници на Жеенбеков, кои подоцна не се појавија во јавноста откако опозцијата започна да протестира. Според меѓународните аналитичари, тврдењата за потенцијално купување на гласвоите на изборите се веродостојни.