Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, европскиот првак со Барселона е избран за најдобар ракометар на поранешните југословенски простори за изминатата сезона, во изборот кој го организираше интернет-страницата “Балкан Хендбол”.
Лазаров сезонава успеа да ги освои сите можни трофеи, вкупно седум со Барселона, меѓу кои и европската титула, која беше прва и единствена клупска која му недостигаше во богатата ризница на трофеи. Со 29 гласа, Лазаров го победи Србинот Момир Илиќ (Веспрем), најдобриот стрелец во оваа сезона во ЛШ. Лазаров беше втор стрелец во ракометната елита.
Како што објави “Балкан Хендбол”, пресудни гласови за победата, биле читателите на оваа интернет-страница.
Досега, во изборот на овој ракометен портал, лауреати беа Домагој Дувњак во 2013 и Момир Илиќ во 2014 година.
Во женска конкуренција, вардарката Андреа Лекиќ, која беше лански лауреат заврши како трета во изборот во кој победи Катарина Булатовиќ, но српската репрезентативка беше убедливо најпопуларна во изборот на читателите. Лекиќ заедно со соиграчката од Вардар, Андреа Пенезиќ се најдоа во најдобриот тим за оваа сезона покрај пет други ракомегтарки од Будуќност.
Извор: Спортмедиа.мк