Кисела Вода обезбеди 17 смарт телевизори и 8 смарт табли за основните училишта

Учениците од општинските основни училишта во Кисела Вода на настава ќе се вратат во технолошки поопремени училници.

Градоначалникот Ѓорѓиевски го посети ООУ “Рајко Жинзифов” во населбата Драчево, за каде се набавени седумнаесет смарт телевизори.

Паралелно, осум училници во ООУ “Партенија Зографски” ќе бидат опремени со нови смарт табли, како продолжување на процесот за унапредување на условите за одвивање на наставата и нејзина модернизација. Со денешната инвестиција, бројот на дигитални табли низ сите основни училишта во Кисела Вода се искачи на 52, како и 92 смарт телевизори кои се користат во наставниот процес.

Претходно Општина Кисела Вода обезбеди и компјутер за секој наставник и целосно го опреми кабинетот по информатика во ООУ “Круме Кепески”.

-Вложувањето во напредни технолошки алатки ќе го олесни процесот на совладување на наставниот материјал на учениците, ќе ја поттикне креативноста и иновативноста, што значи поквалитетно образование и создавање на образуван кадар кој во иднина ќе може добро да се презентира на пазарот на трудот. Оттука инвестициите во основните училишта кои се под надлежност на Општина Кисела Вода ќе продолжат со несмален интензитет во периодот што е пред нас, и во инфраструктурен и во смисол на на вложувања во нагледни средства, за што говори и денешниот настан, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.