Китата победи на Лондскиот маратон, прв пораз за Кипчоге од 2013-та

London Marathon in London, Britain, 04 October 2020. EPA-EFE/Richard Heathcote / POOL

Етиопиецот Шура Китата победи на 40-то издание на Лондонскиот маратон, кој се трчеше на рутата во затворен круг во паркот „Сент Џејмс“, а по должината на патеката немаше публика.

Китата ја мина делницата од 42,195 километри за 2 часа 5 минути и 41 секунда. Втор на целта пристигна Кениецот Винсент Кипчумба со заостанување од само една секунда, а трет беше Сисај Лема од Етиопија, кој зад победникот заостана четири секунди.

Олимпискиот шампион и светски рекордер, Кениецот Елуид Кипчоге, на целта стаса осми со заостанување од 1 минута и 8 секунди. Ова е првпат Кипчоге да биде победен во маратонска трка од 2013 година, кога заврши како второпласиран на Берлинскиот маратон. Оттогаш тој победи на осум елитни маратони по ред на кои учествуваше, вкучително и на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Во Лондон Кипчоге има победувано на четири маратонски трки.

Поради пандемијата на коронавирусот, претходно беа откажани неколку маратони од елитната серија, како оние во Бостон, Њујорк, Чикаго и во Берлин. Маратонот во Токио се одржа, но исто како и во Лондон без гледачи.