Китот белуга Хвалдимир, првпат забележан пред четири години со необичен ремен и камери на главата, што доведе до сомневање дека го користела руската морнарица, моментално се наоѓа на западниот брег на Шведска, според невладина организација која го следи неговите движења.
Хвалдимир е откриен во 2019 година во водите на норвешкиот Арктик, а името што му го дале тогаш е комбинација од норвешкиот збор „hval“, што значи кит, и вториот дел од честото руско име.
Откако беше забележан во фјордот Осло во последните денови, во неделата беше забележан појужно во Северното Море, во Ханебостранд на западниот брег на Шведска, изјави за „AFP“ Себастијан Странд, биолог од организацијата „OneWhale“.
Тој додаде дека Хвалдимир во последните месеци плива на југ од непозната причина, откако три години престојувал покрај северниот брег на Норвешка, каде што е неговото природно живеалиште.
„Не знаеме зошто во последно време се движи толку брзо“, особено затоа што „се оддалечува од своето природно живеалиште“, рече Странд.
„Може да бидат хормони кои го поттикнуваат да најде партнер. Или можеби осаменоста. Знаеме дека белугите се многу социјални, можеби тој бара други членови од својот вид“, додаде тој.
Според експертите, Хвалдимир има меѓу 13 и 14 години. Беше забележан во април 2019 година во близина на арктичкиот регион Финмарк, на далечниот север на Норвешка.
Тој се прослави затоа што имаше специјален појас околу главата со два држачи за камери „GoPro“, на кои пишувало „опрема Санкт Петербург“, поради што некои експерти претпоставуваа дека тој припаѓа на руската армија, која веројатно го користи за шпионажа. Биолозите успешно му го извадиле појасот.
Во тоа време, Норвешката управа за риболов шпекулираше дека Хвалдимир избегал од заградениот простор и дека бил обучуван од руската морнарица. Се чинеше дека е навикнат на човечко друштво и без страв им приоѓа на бродовите.
Москва никогаш официјално не ги коментираше овие шпекулации.