Никако да прекине фамата околу евентуалниот бокс меч помеѓу Флојд Мејведер и Мани Пакјао.
Пред одреден период дури се споменуваше и точен датум на борбата, 2-ри мај, но сепак тоа беа само гласини. Факт е дека мечот официјално не е закажан, но и во таква ситуација, не стивнуваат реакциите околу можниот дуел на двајцата неприкосновени боксери.
Последната од редот гласини е дека одредена група инвеститори од Абу Даби му понудиле 120 милиони долари на Флојд Мејведер за да го добијат неговото “да” кога е во прашање мечот со легендарниот Филипинец.
Пакјао, боксерот кој беше шампион на светот во осум различни категории, веќе неколку години го предизвикува Мејведер, шампионот во пет категории, но нивната борба никако да се случи.
“Мејведер може да земе пари колку сака. Го предизвикувам да се бориме веќе во јануари во хуманитарен меч. Досега не одговараше на овој повик. Па значи парите не се во прашање. Оваа борба е прашање на престиж, наследство и пред се за добро на боксот како спорт” – вели Пакјао.
Сепак, судејќи според досега виденото, тешко е да се очекува дека оваа борба некогаш ќе стане реалност.