Ќе го уриваат Груевски, а немаат рејтинг ни 5 отсто

Зоран Заев, Тито Петковски и Андреј Жерновски со ваква поставеност на опозициската коалиција, каква што е моментно, се далеку од подготвени и немаат капацитет да го урнат владеењето на Никола Груевски и неговата коалиција. Последните средби на опозиционерите на „Бихаќска“ во јавноста оставија впечаток дека коалициските партнери предводени од СДСМ се обидуваат да тргнат во победнички поход, пишува „Дневник“.

Весникот аналиизира дека иако на средбите акцентот беше ставен на пратеничките мандати, најавите за трибини и спроведувањето на новата стратегија на терен како да потсетуваат на нови парламентарни избори, но се далеку од доволно за кревање на процентот на доверба во партијата. Видливо е дека СДСМ се обидува да се реформира, а преку овие средби да претстави дека коалицијата им е силна, но, наспроти нив, ВМРО-ДПМНЕ е етаблирана партија и организирана на сите нивоа и токму затоа, велат познавачите на политичките состојби, ако се смета од сега натаму, на СДСМ ќе му треба повеќе од година само да се приближи до владејачката партија.
Никола Груевски во континуитет ужива далеку поголема доверба од Заев и во ниту еден момент тоа не е променето. Исто така, видливо е и дека сите претседатели на опозициските партии, кои се во коалиција со Заев, заедно не се ниту приближно до рејтингот Груевски.