Општина Петровец ја продаде градежната парцела за изградба на голем трговски центар во непосредна близина на скопскиот аеродром „Александар Велики”. На електронското јавно наддавање отуѓена била локацијата со површина од 70.661 метри квадратни, по цена од 450 денари за метар квадратен.
Како составен дел од мултифункционалната зона „Ќојлија”, на земјиштето е предвидена голема трговска единица со домување во станбени згради како компатибилна класа на намена.
Објектот ќе може да има приземје и два ката со максимална површина од 74.194 метри квадратни. Името на инвеститорот засега не се соопштува, бидејќи тој допрва треба да ги уплати потребните 31.797.450 денари (околу 520 илјади евра) и да го потпише купопродажниот договор со Општината.
Покрај оваа голема парцела во зоната „Ќојлија”, локалната самоуправа од Петровец успеа да продаде уште шест други наменети за изградба на објекти од областа на лесната и незагадувачка индустрија во месноста Долно Коњаре.
Се работи за вкупно 20.363 метри квадратни, продадени по 71 денар за метар квадратен, односно со едно наддавање над почетната цена.