Изградбата на регионалниот пат од Пробиштип до ски-центарот Пониква, проект во вредност од пет милиони евра, ќе овозможи развој на туристичкиот центар и на целиот регион, оцени министерот за здравство и носител на ИЕ 3 на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, при денешната посета на Свети Николе и Пробиштип.
Изградбата на патот, најави Тодоров, ќе почне во 2016, а ќе заврши во 2017 година.
„Проектот треба да овозможи подобро поврзување на Пробиштип и целиот регион до Пониква како туристички центар. На тој начин се овозможува уште повеќе развој на туризмот на туристичкиот центар Пониква’, рече Тодоров.
Според него, ќе има раздвижување на целиот регион преку продажба на плацеви за изградба на викендички и поголем број туристи.
„Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, имаме предвидено изградба на над 120 локални патишта во вредност од околу 20 милиони евра, а во должина од 200 километри. Тоа е еден од проектите на којшто ќе бидеме фокусирани во наредниот период“, изјави Тодоров.