На Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одржа работилница за модернизацијата на додипломската настава по предметот педијатрија.
Работилницата е резултат на соработката на Универзитетската клиника за детски болести со Империјал Колеџ од Лондон, кој е четврти на листата на 100 најдобри медицински универзитети во светот. Целта на проектот е да се усогласи практичната и теоретска настава на Медицинскиот факултет со најдобрите стандарди и практики во високото образование од земјите во ЕУ.
„Целта е да се подигне нивото на здравствена заштита од што корист ќе имаат пациенетите. Катедрата ќе едуцира квалификувани кадри кои ќе бидат конкурентни со нивните колеги во Европа. Во иднина планираме и проширување на програмата и се надеваме дека нашите искуства ќе бидат прифатени и од останатите катедри на Медицинскиот факултет, се со цел модернизрање на наставната програма“, изјави проф. Кате Мартинова, шеф на катедрата по педијатрија.
Со програмата акцент ќе се стави на развојната педијатрија, следењето на сеопфатниот развој на децата, како и раната детекција на попреченост во развојот. Фокусот на наставата ќе биде на превентивната здравствена заштита на децата, при што дел од практичната настава ќе се одвива во примарното здравство и здравствените домови. Исто така, ќе се олесни пристапот на студентите кон материјали и нагледни средства за едукација, преку воспоставување платформа за електронско учење и центар за обука со симулатори.
„За комплетно изучување на педијатријата потребно е проширување и модернизирање на предметот и тоа е токму она што го правиме. Се работи за модернизација на теорискиот и и на практичниот дел на наставаната“, изјави директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова.
Со новата програма, како што рече, образовниот систем ќе добие можност да продуцира здравствен кадар, кој ќе биде конкурентен и квалификуван со земјите од Европската унија, а со тоа и со сите останати високоразвиени земји.
Плановите во иднина вклучуваат модернизација на наставната програма за специјализацијата по педијатрија, унапредување на континуираната медицинска едукација на педијатрите, како на универзитетската Клиника за детски болести, така и на педијатрите во примарното здравство.
Проектот се остварува во соработка со канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и со Националната агенција за европско образование. УНИЦЕФ обезбеди техничка помош за воспоставување долгорочно партнерство и соработка меѓу универзитетската Клиника за детски болести, Медицинскиот факултет и Империјал Колеот од Лондон. Националната агенција за европско образование овозможи размена на искуства во делот на најсовремените практики во лекување и здравствената заштита на децата.
Ража Мсефер Берада, заменик-претставник на УНИЦЕФ потенцира дека сакаат да го подобрат образовниот процес во Македонија за децата да можат да добијат најдобра можна грижа.
Професор Мич Блер од Империјал Колеџ од Лондон, истакна дека во светот 60-70 отсто од невролошките болести кај возрасната популација се генерираат во перидодот на детството. Ова, како што рече, е доволен доказ за тоа колку е важна педијатријата и модернизирањето на пристапот на нејзино изучување.