Ќе се отвори „Техникал текстил“ инвестиција вредна 12 милиони евра

Компанијата „Техникал текстил“ од Германија ќе инвестира 12 милиони евра и ќе вработи над 500 лица во фабриката што ќе се гради во ТИРЗ Штип. Германската компанија која е лоцирана во Словачка произведува изолациони материјали за градежната, автомобилската и авионската индустрија, но како што најавија и претходно, покрај овој ќе инвестираат и во друг бизнис.

Сопственикот на „Техникал текстил“, Џенс Ванланд обелодени дека утре ќе се знае името на домашната компанија која ќе ја гради фабриката, чиј што почеток ќе биде означен следниот месец. Производството се очекува да започне во мај, следната година.

Првите луѓе за работа ќе бидат регрутирани во октомври и ноември и истите ќе бидат обучени во Словачка.Следната година ќе бидат вработени 500-600 лица, но ако работат добро во следните три години ќе бидат вработени над 1000 лица. Ванланд вели дека ако се биде како што треба, ќе донесе и други инвеститори. Македонија ја гледа како одлична земја за инвестиција пред се поради даночните ослободувања.

„Вкупната површина на објектот ќе биде речиси 9000 квадратни метри, почетокот на градбата ќе биде во септември годинава. Фабриката ќе биде функционална со производ кој ќе излегува во продажба во мај идната година.Парцелата е одредена и сите подготовки ќе започнат идната недела и градбата ќе започне во септември,“ изјави директорот на ТИРЗ Виктор Мизо.

Се очекува следната година уделот во извозот на оваа компанија да биде 25 милиони евра на годишно ниво.