Денеска во дневните весници и на веб страницата на avrm.gov.mk излегуваат два огласи за невработени лица и за работодавачите од приватниот сектор и тоа за мерката субвенционирање за вработување и субвенционирање за вработување на деца без родители.
Мерката за субвенционирање на вработување е наменета за евидентирани невработени лица, активни баратели на работа, со посебен приоритет за долгорочно невработени лица (пет години и повеќе), возрасни лица од 50 до 59 години, за ранливи групи на граѓани и за млади лица до 29 годишна возраст.
„ Со оваа мерка се предвидува субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка за секое вработенo лице од овие категории при што државата ќе субвенционира износ од 13 илјади денари месечно, за период од шест месеци. Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа уште најмалку 12 месеци или вкупно 18 месеци,“ изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За ранливите групи на лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, како жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми,жртви на трговија со луѓе, осудено лице по отпуштање од казнено поправна установа ќе се обезбеди финансиска помош за вработување во износ од 17 илајди денари месечно. Три илјади денари ќе се субвенционираат за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот однос и 14 илјади денатри за плата.
„Работодавачите можат да конкурираат за овие субвенции доколку не го намалиле бројот на вработени шест месеци пред објавувањето на огласот, освен во случај кога намалувањето на бројот бил поради истекот на определено време, пензионирање и случај на смрт. Работодавачот не може да ги вработи со субвенционирање лицата што ги отпуштил пред објавувањето на Јавниот оглас. Работодавачот при пријавување должен е да ги има измирено сите даноци и придонеси пред објавување на јавниот оглас,“ потенцираше Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски ги повика компаниите да одговорат на огласите и да бидат општествено одговорни посебно кога станува збор за вработување на деца без родители.
„Субвенциите за компаниите доколку вработат вакви лица се однесуваат на две години. Првата година ќе се субвенционираат висината на минималната плата и 100 отсто од придонесите и втората година се субвенционираат 100 отсто од минималната плата и 50 отсто од придонесите,“ потенцираше Поповски.
Годишниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува 47 милиони 520 илјади денари. Досега само преку мерката за субвенционирање на вработување во изминатите неколку години се вработени 4800 лица.