Забрзувањето на процедурата за посвојување деца, но и давањето на поголеми рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца е суштина на новите измени во Законот за семејство, кои Министерството за труд и социјална политика ги достави до Собранието за усвојување, пишува Дневник.
„Констатиравме дека децата престојуваат во установите или во друго семејство повеќе од една година. Долгиот престој на децата остава трајни последници врз правилниот психофизички раст и развој на децата. Потребно е да се намали времетраењето на престојот на децата во установите или другите семејства и да се намалат роковите за постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување, се потенцира во образложението.
Според предлогот, кога детето ќе може да биде сместено во семејството на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не му се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за цели три месеци.
„Во истиот член е намален и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител, за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци, пишува во предлогот.
Освен скратувањето на рокот од една година на девет месеци во текот на кој центарот за социјална работа треба најмалку трипати да го повика родителот и да му укаже на последиците од непреземањето на грижата за детето, се предлага на родителот да му се даде дополнителен рок од 10 дена да ја преземе грижата за детето или да даде согласност за посвојување.
Од друга страна, родителите што решиле да го дадат на посвојување детето веднаш по раѓањето, наместо шест недели, отсега ќе имаат можност да се премислуваат три месеци. Освен тоа, следењето на можните посвоители за процена на нивната подобност и мотивот за посвојување ќе продолжува и по нивниот упис во соодветниот регистар. Сегашното решение предвидува центрите за социјална работа континуирано, во период од четири месеци, да ги следат подносителите на барањето до уписот во регистарот на можни посвоители, пишува дневниот весник Дневник.