Mинистерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и министерката за иновации и јавна администрација на Република Албанија, Милена Харито, денеска потпишаа договор за соработка во областа на информациско– комуникациските технологии на маргините на Регионалниот форум за интернет владеење 2014, кој се одржа во Скопје.
Целта на договорот е координирање на напорите на национално и меѓународно ниво, со главна цел на технолошката соработка, пронаоѓање решенија за надминување тешкотии во ИКТ секторот и иновациските активности.
Соработката меѓу двете земји ќе вклучува размена на податоци поврзани со меѓународни регулативи, стандарди и договори во ИКТ секторот, стимулирање на инвестиции во областа на ИКТ во двете земји. Исто така, договорот предвидува воспоставување на заеднички работни групи базирани на заеднички проекти во ИКТ секторот, потоа институционална поддршка на компании во двете земји за заеднички активности, соработка во обезбедување на обуки во ИКТ секторот, како и развој на човечки ресурси за образование во областа на ИКТ и образование базирано на ИКТ.
Министерот Ивановски потпиша и Меморандум за разбирање со извршниот директор на Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN), Фади Шехаде.
Меморандумот има за цел да ја продолжи соработката за унапредување на користењето на меѓународно прифатените имиња на домени, вклучувајќи ги и оние на кирилично писмо, поддршка на развојот на индустријата на имиња на домени во Европа, како и поддршка на моделот за глобално управување на Интернетот.