По вчерашната одлука на Натпреварувачката комисија за преселба на КК Работнички во понизок ранг на натпреварување, “центарци” денеска преку соопштение информираат дека покрај жалбата која е доставена до Арбитражната комисија при МКФ, ќе бидат покренати обвиненија и против сите оние кои учествувале и продолжуваат да учествуваат во прекршување на Законот за спорт и кои му дозволиле на КК Карпош Соколи незаконски да биде дел од Супер лигата.
Соопштението од КК Работнички ви го пренесуваме во целост:
Почитувани,
По последниот развој на настаните КК Работнички ќе ги превземе сите неопходни мерки да ја докаже правичноста на својата одлука да не го одигра натпреварот против КК Карпош Соколи.
Имено, како што веќе е наведено во жалбата која ја доставивме до Арбитражната комисија при МКФ, КК Карпош Соколи не ја заврши пререгистрацијата во акционерско друштво до почетокот на Супер лигата и со тоа го губи правото да учествува во истата.
КК Работнички покрај Арбитражата ќе покрене обвиненија против сите оние кои учествувале и продолжуваат да учествуваат во прекршување на Законот за спорт и кои му дозволиле на КК Карпош Соколи незаконски да биде дел од Супер лигата.
Според член 49.3 од Пропозициите за натпреварување, натпреварот, односно колото не може да биде регистрирано се додека не се исцрпат сите правни инстанци, а со тоа не може да се отпочне со второто коло од Супер лигата бидејќи во тој случај екипите кои ја сочинуваат истата немаат ист третман.
Уште еднаш, ги повикуваме надлежните лица да не потпаѓаат под влијание на едно или две лица кои ја третираат македонската кошаркарска лига како нивна приватна сопственост.
Секој оној кој го крши Законот или свесно сака да и наштети на македонската кошарка и спорт, треба да биде свесен за последиците.
Ги повикуваме сите љубители на спортот и поддржувачи на најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија да застанат отворено во поддршка на КК Работнички во борбата за правдата и еднаквост во спортот.
Со почит,
КК Работнички